Кошаркарите на ЛА Лејкерс ја продолжија битката за позициите кои носат пласман во разигрувањето за титулата во НБА лигата, и со неверојатен пресврт успеаја да го совладаат Далас маверикс со 111:108.
Лејкерси во втората четвртина имаа негатива од дури 27 поени (48:21),но, не се предадоа, до полувремето ја намалија негативата на 14 поени (61:47), а во третата четвртина дојдоа до минус три (81:78).
На стартот од последната четвртина, Лејкерси постигнаа пет поени по ред и поведоа со 83:81, и во неизвесна завршница успеаја да слават со 111:108.
https://twitter.com/espn/status/1629985392727318534?s=20
Ентони Дејвис со 30 поени и 15 скока ги предводеше Лејкерси до триумфот за кого одлична партија прикажа и Леброн Џејмс со 26 поени. Ова беше трета победа по ред за ЛА Лејкерс кои сега имаат скор 29-32 и се наоѓаат на 13-та позицијата во Западната конференција, со само една победа помалку од десеттиот Њу Орлеанс.
Кај Далас, најдобри беа Лука Дончиќ со 26 поени и Кајри Ирвинг со 21 поен и 11 скока.
Во мечот на големите фаворити за пласман во големото финале, Милвоки бакс и Феникс санс, славеше тимот од Источната конференција и тоа со 104:101. Во отсуство на главните ѕвезди, Јанис Адетокумпо од едната и Кевин Дурант од другата страна, човек на одлука беше Џру Холидеј кој постигна 33 поени.
Ова беше 14-та победа по ред за Милвоки кој сега има учинок од 43 победи и 17 порази со кој е втор на Истокот зад Бостон селтикс (44-17).
Атланта со 129:127 и одлична игра на Тре Јанг кој даде 34 поени, го совлада Бруклин нетс, додека Чикаго со 102:82 славеше против Вашингтон.