Ватерполо дербито меѓу Србија и Црна Гора мораше да се решава на пенали, а во ударите од пет метри подобри беа Србите. Овој дуел беше дел од третото коло во групната фаза на Светското првенство кое се игра во Јапонија.
Победата на Србија е посебно важна ако се знае дека е направена со неверојатен пресврт. Црна Гора поведе со 5:0 на почетокот од мечот, но потоа се „разбудија“ Србите. Прво намалија на 6:3 по првата четвртина, а на полувремето веќе стигнаа на само еден гол заостанување (8:7). Црна Гора водеше со 11:9 по три делници, а во последните осум минути Србите не само што го анулираа водството на противникот, туку на една минута до крајот успеаа и за прв пат да поведат.
Црногорците стигнаа на 13:13, па пеналите мораа да решаваат. Во една таква ситуација, од петерец подобри беа ватерполистите на Србија и погодија четири пенали, а противниците беа само два пати прецизни, па на крајот резултатот беше 17:15 во корист на Србија.
Со оваа победа, Србите го обезбедија второто место во групата зад Шпанија, а Црна Гора е трета. Во четвртфиналето, Србите ќе играат со послабиот од дуелот Јапонија – Хрватска, додека Црногорците ќе налетаат на подобриот од овој меч кој се игра денеска од 12 часот.
Воостанатите мечеви кои се одиграа од третото коло: Унгарија – Аргентина 21:13, Јужна Африка – Шпанија 6:27, САД – Грција 14:15.