Франк Шмит, така се вика тренерот на бундеслигашот Хајденхајм, за кого е врзана една неверојатно убава фудбалска приказна.
Откако пред една година за првпат заиграа во Бундеслигата, фудбалерите на Хајденхајм оваа сезона веќ може да се испробаат во групната фаза од Конференциската лига на УЕФА, што е сценарио кое никој во овој мал германски град не го очекуваше.
Хајденхајм имаше дебитантска сезона од соништата, се најде на осмото место во Бундеслигата и се пласира во плејофот за влез во Конференциската лига. Шведскиот Хакен му пречка на патот кон европската есен, првиот меч е вечерва во Гетеборг.
Хајденхајм успешно се бори со многу поголеми и побогати тимови од Бундеслигата, и тоа благодарение на човекот кој во 2007 година требаше да го води тој клуб само на два меча од петтата лига. Шмит последните години е најголемото спортско божество на градот на југот на Германија.
Шмит во 2007 година ја заврши играчката кариера во Хајденхајм, а кога првиот тренер Дитер Меркл доби отказ, клупските челници за привремено решение избраа тип кој штотуку ги „закачил копачките“. Она што изгледаше како привремено решение, стана „бајка“, па денес Шмит е човекот со најдолго тренерско искуство досега во еден германски клуб.
Многу брзо откако седна на клупата на клубот од родниот град, Шмит започна со успеси. Само за две сезони скокна два ранга на германскиот фудбал и играше во третата лига, а пет години подоцна успеа да ја отвори вратата на Цвајта.
Втората лига тогаш изгледаше како сон за овој клуб, но во следните години Хајденхајм неколкупати го почувствува „мирисот“ на Бундеслигата, а во лудиот крај на сезоната пред минатата на неверојатен начин завршија на првото место, пред Дармштад и Хамбургер.
Шмит не застана тука, а тимот составен главно од германски играчи го доведе до прагот од групната фаза на европското натпреварување. Хакен е сè освен непремостлива пречка и од есен треба да го очекуваме Хајденхајм во Европа.