Барселона игра одлично во првиот дел од сезоната во Примера дивисион и по 17 средби е лидер на табелата. Каталонскиот гигант нареди 14 победи, двапати ремизира, а единствениот пораз му е од вечниот ривал Реал Мадрид, кој е втор на табелата, со три бода помалку.
Играта и резултатите на Барселона се неверојатни ако се спореди со тоа како играше тимот минатата сезона во овој период. Ако Барселона сега е лидер со 44 бода и само шест примени гола во 17 средби, минатата сезона во овој дел од сезоната каталонскиот гигант освои само 25 бода, што е дури 19 помалку од сегашниот биланс. Лани Барселона прими 20 гола во овој период и беше на седмото место на табелата.
Овој биланс од 44 бода по 17 кола е најдобар за Барселона во последните пет сезони. Во сезоната 2017/18 , Барселона освои 45 бода и на крајот ја освои шампионската титула.