Неверојатни се премиите за Италијанците ако станат прваци

Со седум дадени гола, без ниту еден примен и со три победи во три меча, репрезентацијата на Италија остави импресивен впечаток по одигрување на групната фаза на Европското првенство. Оваа игра на Аѕурите не е случајна затоа што тие се во низа од неверојатни 30 меча без пораз, а на последните 11 меча наредија само победи, и тоа без ниту еден примен гол.

Со ваква игра, Италија дефинитивно е еден од главните фаворити за трофејот на ЕП. Низ историјата, Италија само еднаш била на тронот на Европа, и тоа во далечната 1968 година, што значи дека повеќе од половина век чекаат да се израдуваат на континентално злато.

Фудбалерите имаат дополнителен мотив да стигнат до златото, а тоа е премијата која би ја добиле за шампионскиот трофеј. Според „Ла Република“, за освојување на трофејот, секој фудбалер на Италија ќе добие премија од 250.000 евра, односно Фудбалската федерација подготвила вкупна премија од 6,5 милиони евра.

За пласман во финалето, премијата на секој фудбалер изнесува 200.000 евра, додека за место во полуфиналето, премијата е 150.000 евра. Со пласманот во нокаут-фазата, сите фудбалери на Аѕурите заработија по 30.000 евра премија. Во осминафиналето, Австрија ќе биде ривал на Италија.

Фудбалската федерација на Италија досега заработи 16 милиони евра од УЕФА, а евентуална победа над Австрија ќе им донесе дополнителен бонус од три милиони евра.

 

- Оглас -

Најнови вести