Неверојатно е Вардар што пропушти и како загуби од Загреб

Вардар загуби на гости кај Загреб со 23:22 (14:12) во меч од 10. коло во ракометната Лига на шампиони. Црвено-црните има за што да жалат, затоа што на осум минути пред крајот водеа со 21:18, а на крајот загубија.

Со овој пораз Вардар го загуби и посакуваното шесто место во групата, кое води во нокаут фазата, каде сега е хрватскиот првак. За Вардар ова е седми пораз по ред во ЛШ.

Тимур Дибиров и Жереми Тото со по четири гола беа најефикасни кај Вардар, додека некогашниот вардарец Иван Чупиќ со пет гола беше прв стрелец кај Загреб.

Домаќините добро го отворија мечот и поведоа со 2:0, а предноста од два гола ја имаа до средината на првото полувреме кога беше 6:4. Вардар со серија од 4:0 направи пресврт и поведе со 8:6.

Македонскиот првак водеше со 11:9, а потоа следуваше серија од 4:0 на Загреб, па домаќините поведоа со 13:11, а на полувреме ја задржаа предноста од два гола.

Вардар одлично го почна второто полувреме, а посебно добро играше во одбраната. Загреб водеше со 16:15, а потоа двократниот европски првак со серија од 3:0 стигна до предност од 18:16. Во 52 минута Вардар прв пат поведе со три разлика (21:18), но Загреб не се предаде и со серија од 5:1 домаќините поведоа со 23:22 во пресрет на последната минута од мечот.

Вардар го имаше шанса за реми, но катастрофално беше одигран последниот напад и загуби.

Во останатите два меча од оваа група што се играат денеска: Алборг со 34:28 победи на гости кај Елверум, а Мешков Брест направи изненадување и одигра нерешено 31:31 против Монпелје кој е лидер во групата.

Табела: Монпелје 16 бодови, Алборг 14, Кил 13 (меч помалку), Сегед 12 (меч помалку), Емверум 8, Загреб 6, Вардар 5, Мешков Брест 4.

 

- Оглас -

Најнови вести