Женската фудбалска репрезентација на Македонија е поразена во Скопје од селекцијата на Летонија со 1:2, во меч од квалификациите за пласман на Европското првенство кое ќе се игра во 2025 година.
Нашите фудбалерки беа во фаворитска улога пред мечот, но на теренот, гостинките се покажаа како опасен ривал и на крајот си заминаа со три бода. Македонија ја имаше теренската иницијатива во првиот дел, но не успеа да ја матира противничката одбрана.
Кога се очекуваше крај на првиот дел, по еден слободен удар, Летонија поведе со гол буквално во последната секунда. Кога Македонија тргна од центарот по примениот гол, судијата итсвири крај на првиот дел.
Во второто полувреме имаше целосна иницијатива на Македонија, но најчесто тоа беа јалови напади. Радост за публиката на стадионот „Петар Милошевски“ донесе капитенката Наташа Андонова која со прецизен шут од далечина, израмни на 1:1 во 90+2 минута.
По тој гол, нашите фудбалерки тргнаа на се или ништо и на крајот останаа со ништо. Во 90+6 минута, Летонија со голот на Севчова стигна до 2:1, а веднаш потоа беше означен и крајот на средбата.
По овој пораз, Македонија остана на второто место со седум бодови, но сега Летонија која е третопласирана дојде до шест болови. Во последното коло, Македонија гостува кај лидерот Словенија, а Летонија дома ќе игра против фенерџијата Молдавија.