Неверојатно: Стигнаа до 100-тата последователна победа во домашните натпреварувања

Фудбалот во Туркменистан можеби не е меѓу елитните во Азија, но тоа што го прави Аркадаг е светски рекорд.

Со убедливата победа од 7:1 над Мерв на стартот од новата сезона, Аркадаг стигна до неверојатна бројка од 100 последователни победи на домашна сцена!

Овој тим никогаш не загубил натпревар во рамки на националните натпреварувања. Клубот е основан во 2023 година и во првата сезона имаа 24 победи на 24 меча. Следната дојдоа до 30 победи од исто толку натпревари, а во 2025 година имаа 28 од 28. Оваа сезона ја започнаа со убедлива победа од 7:1 и тоа за нив беше 100-тата победа по ред.

Останатите победи до „магичната“ бројка од 100 доаѓаат од Купот на Туркменистан, како и настапите во Суперкупот и ТФФ Купот.

Но, зад оваа бајка стои и контроверзна приказна.

Клубот е директно поврзан со поранешниот лидер на државата, Гурбангули Бердимухамедов, по кого и го носи името („Аркадаг“ значи „заштитник“). По изградбата на нов „паметен град“ вреден милијарди, одлучил дека му треба и фудбалски клуб – и го создал од нула.

Веднаш ги собра најдобрите домашни играчи, во лига каде што нема странци, практично „испразнувајќи“ ги конкурентите. Токму затоа, навивачи и ривали често обвинуваат за нерегуларности и наместени натпревари – нешто што фрла сенка врз историскиот успех.

Поради тие сомнежи околу интегритетот на лигата, Аркадаг сè уште не е признат во Гинисовата книга на рекорди.

А кога ќе излезат надвор од границите – реалноста е поинаква.

Во азиските натпреварувања, како плеј-офот од Азиска Лига на шампиони 2, Аркадаг беше елиминиран од Ал Наср со две идентични победи од 1:0 за Арапите.

- Оглас -

Најнови вести