Откако се воведе системот ВАР, се изнагледавме најразлични ситуации по кои судиите ги коригираа своите одлуки, но тоа што вечерва се случи на дуелот Португалија и Швајцарија е хаос. Гостите беа во напад, Шаќири падна во шеснаесетникот и бараше пенал, но играта продолжи. Топката ја освоија домаќините, Португалија нападна и за 30-тина секунди се најдоа пред противничкиот гол, Бернардо Силва беше фаулиран и судијата Феликс Брих досуди пенал.
Швајцарците се бунеа бидејќи тие први бараа пенал за фаулот над Шаќири. Арбитерот реши да побара помош од системот ВАР. Кога ја прегледа ситуацијата пред голот на Португалија, Брих одлучи дека имало фаул над Шаќири, па наместо пенал за Португалија, беше досуден удар од белата точка за Швајцарија, а остатокот од акцијата се поништува.
Ударот од белата точка за Швајцарија го изведе Родригез, кој погоди за 1:1. Ова беше петти пенал за Родригез во националниот дрес и стигна до петиот погодок од оваа позиција.