Невидено: ВАР пресуди дека е пенал, ударот од 11 метри се изведе еден месец подоцна!

Сведоци сме на секакви куриозитети при употребата на системот за видеоарбитража по светските фудбалски терени, некои од спорните ситуации беа отсудени правилно, други предизвикуваат сериозни полемики меѓу навивачите, некои го поддржуваат ВАР, други го критикуваат, но ВАР останува дел од фудбалот и ќе продолжи да им помага на судиите.

Но, во Чиле се случи еден невиден преседан. Со помош на ВАР беше досуден пенал, а пеналот беше изведен дури еден месец подоцна. Да, еден МЕСЕЦ подоцна.

Станува збор за пенал на дуелот помеѓу Курико Унидо и Универзитад Католика. При 2-0 за Унидо, беше досуден пенал за Католика. Во тој момент снема струја на стадионот и спорниот момент не можеше да биде виден на видеозапис. Електричната енергија не се врати, па средбата беше прекината во 56-тата минута.

Четири дени подоцна фудбалската лига процени дека има пенал и дека мечот треба да се доигра од моментот на прекинот. Мечот се доигра, но еден месец по прекинот. Пеналот се шутна трипати бидејќи голманот ја напушташе гол-линијата. Курико победи со 3-2, сите три гола ги дадоа од пенал.

- Оглас -

Најнови вести