Манчестер јунајтед повторно бара нов тренер. Рубен Аморим кој беше најавуван како спасител и стратег кој ќе го врати клубот на победнички патеки, доби отказ по само 14 месеци поминати на „Олд Трафорд“.
Англискиот гигант и по заминувањето на Аморим уште е далеку од тоа да се врати на победнички патеки и да биде во трка за освојување на некој трофеј. Еден од оние кои посебно жестоко реагира на тоа што Манчестер никако не може да се стабилизира резултатски е легендарниот дефанзивец Гери Невил. Тој верува дека тренер на Црвените ѓаволи треба да биде некој што го познава клупското ДНК на Манчестер.
„Луи ван Хал имаше сопствена филозофија. Жозе Мурињо има уникатен стил, а истото важи и за Дејвид Мојс. Различен стил на игра имаше и Ерик тен Хаг, но тој не се совпаѓаше со стилот на Манчестер јунајтед. Рубен Аморим е со сосема различен стил. Едноставно експериментите треба да сопрат“, вели Невил, а потоа додаде:
„Има еден видео клип на кој Боби Чарлтон објаснува што преставува Манчестер јунајтед како клуб. Клуб кој игра авантуристички, возбудлив фудбал кој ја забавува публиката, со многу млади играчи. Манчестер Јунајтед мора да презема ризици и да биде храбар, играјќи напаѓачки фудбал. Манчестер јунајтед треба да најде менаџер кој ќе одговара со ДНК на клубот. Ајакс никогаш нема да се промени поради некого, а истото важи и за Барселона. Затоа, сметам дека и Манчестер јунајтед не смее да се промени поради некој. Мора да се најде тренер кој ќе сака да игра брз, забавен, атрактивен и агресивен фудбал“, вели Невил.

