Невил згрми против Суперлигата: Згрозен сум од Јунајтед и Ливерпул

Гери Невил, некогашниот фудбалер на Манчестер јунајтед, кој веќе со години работи како аналитичар на „Скај спортс“, ги критикуваше англиските гиганти кои го поддржуваат договорот да се формира Суперлига.

Токму Манчестер јунајтед, актуелниот првак Ливерпул, како и Челзи, Арсенал и Тотенхем, се дел од повеќе од 12 клуба кои се приклучија на иницијативата да се креира посебно натпреварување надвор од капата на УЕФА, во кое би играле најбогатите европски великани. Манчестер сити засега нема заземено став, но големи се шансите и Граѓаните да се приклучат.

„Повеќе од 40 години сум навивач на Манчестер јунајтед, но згорезен сум од нивната одлука да ја поддржат иницијативата. Тие, како и Ливерпул и останатите англиски екипи, треба да бидат ригорозно казнети поради ова. Нека им се одземат бодови, или пак да се отстранат од Премиер лигата, а титулата нека се додели на Фулам или Барнли, на пример. Ова веќе нема смисла, сопствениците на клубовите воопшто не размислуваат на последиците од формирање на Суперлига. Навивачите никако не ја поддржуваат иницијативата“, згрми Невил, па додаде:

„Јунајтед, Арсенал и Тотенхем моментално не се ниту во Лигата на шампионите, зарем мислат дека може да се натпреваруваат во т.н. Суперлига? Арсенал на пример е потполно изгубен тим, а од нивното раководство очекуваат дека ќе добијат нешто добро доколку играат во посебна меѓународна лига. Ви се молам, ова е одвратно“, посочи поранешниот бек на Црвените ѓаволи.

Слична реакција имаше и Рој Кин, ирската фудбалска икона, кој исто така очекува ригорозни казни за англиските екипи кои се дел од иницијативата, додека УЕФА им објави војна на европските великани.

- Оглас -

Најнови вести