Малкумина се надеваа дека по два месеца од стартот на новата сезона, во четири од петте најсилни европски лиги ќе бидат екипи на кои никој не сметаше.
За експертите подемот на „малите“ екипи е резултат на нивната квалитетна работа, на добрата селекција на играчи, на доброто водење од клупата, но исто така е и последица на послабите игри на вообичаените фаворити.
Во француската Лига 1 лидер е Ница со 22 бода и тоа без пораз по десет кола. Тука е и Монако кој доколку победи денеска има шанса да ја прескокне Ница на лидерската позиција на табелата, додека ПСЖ кој изминатото лето остана без Лионел Меси, има четири бода помалку.
Во Премиер лигата, Тотенхем е лидер, а ренесансата на Петлите започна со доаѓањето на Анге Постекоглу на клупата. Екипата игра одлично под водство на тренерот од Австралија иако остана без капитенот Хари Кејн, и засега спротивно на очекувањата, игра фантастично и е лидер на табелата со осум победи и две ремија. Петлите заедно со Арсенал се единствените два непоразени тима во Премиер лигата.
Сезонава во Бундеслигата може да биде доста возбудлива, а за тоа најголем виновник е поранешниот играч на Баерн Минхен, Чаби Алонсо кој сега седи на клупата на Баер Леверкузен. Иако многумина очекуваат Баерн да се прошета до нова титула во Бундеслигата, се појавија Алонсо и Баер кои викендов влегоа како лидери на табелата (22 бода) со два бода повеќе од баварскиот тим и денеска играат пред своите гледачи.
Освен Баер, добар старт на сезоната имаат и Штутгарт, Лајпциг и Борусија Дортмунд кои исто така можат да му ги замрсат сметките на Баерн Минхен.
Во Ла Лига, по 11 кола има два лидери на табелата, еден очекуван и еден неочекуван. Реал Мадрид и Жирона имаат по 28 бода. Каталонскиот тим по 11 кола има дури девет победи и по едно реми и пораз.
Единствено работите се на свое место во Серија А. На првите четири позиции на табелата се Јувентус, Милан, Интер и Наполи.