Голден стејт вориорс петта сезона во низа ќе се бори за шампионскиот прстен во НБА-лигата, откако актуелниот шампион ноќеска го елиминираше тимот на Портланд трејлблејзерс со 4-0 во серијата по победата од 119:117. Предводени од Стеф Кари, Воините до новото финале стигнаа преку продолжение во овој четврти дуел на гостувањето кај Блејзерс, па сега имаат шанса одново да ја одбранат титулата, односно да ја освојат неа трета сезона по ред.
Треба да се напомене дека оваа чистка во финалната серија од Западот Голден стејт ја оствари без Кевин Дурант.
Како и во претходните три меча, Портланд се покажа како тврд орев за шампионот, меѓутоа нивниот отпор повторно беше недоволен. Домаќините ја имаа иницијативата во поголемиот дел од мечот, но и покрај максималните обиди да останат во живот во оваа серија, немаа одговор за расположениот Кари.
При водство на Портланд од 111:108, Томпсон погоди тројка со која го одведе мечот во дополнителен период, а во петте минути Вориорс како да имаа повеќе сили и поголема желба за победа.
Првата ѕвезда на Голден стејт, Стеф Кари, запиша троен учинок од 37 поени, 13 скока и 11 асистенции, а троен учинок оствари и Дрејмонд Грин со 18 поени, 14 скока и 11 асистенции. Од редовите на Портланд не беа доволни 30-те поени на Леонард, ниту оние 28 на Лилард, а со 26 поени заврши Мекколум.
Вориорс сега го чека подобриот од конференциското финале на Истокот, а таму се борат Милвоки бакс и Торонто репртос. По три меча, Милвоки води со 2-1.
https://www.youtube.com/watch?v=TuE9PqCu6U0
Од архивите на НБА
Само три екипи во историјата успеале да ја освојат шампионската титула три сезони во низа, Тоа се Бостон селтикс, ЛА лејкерс и Чикаго булс, додека Келтите во 60-тите осум пати по ред биле шампиони на НБА. Чикаго булс беше последниот тим кој освои три титули во низа, во периодот од 1996 до 1998 година, предводен од еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, Мајкл Џордан.