Пари Сен Жермен е 41-от клуб што се најде на листата со финалисти во Лигата на шампионите, а парижани вечерва на „Луж“ ќе бијат битка за да урнат една незгодна традиција во новиот милениум.
Последните шест дебитанти во финалето на Лигата на шампионите ги губеа мечевите за европската круна, а вечерва во Лисабон ПСЖ ќе биде во улога сефте да игра натпревар за највредниот пехар во европскиот фудбал.
Последен тим што како дебитант настапил во финале и успеал да победи и да се запише во листата со освојувачи на пехарот во луксузното натпреварување е Борусија Дортмунд пред 23 години.
Во финалето што се играше на „Олимпискиот“ стадион во Минхен на 28. мај во 1997 година популарните Милионери го изненадија Јувентус и славеа со 3:1 и во првото клупско финале во ЛШ го освоија пехарот.
Потоа во ситуацијата во која сега е ПСЖ беа Валенсија во 2000 година, Баер Леверкузен две години подоцна, Монако во 2004 година, Арсенал во 2006, Челзи во 2008 и Тотенхем лани и сите ги загубија своите први финалиња во луксузното натпреварување.
За Валенсија на “Стад де Франс“ во Париз пресилен беше најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид и победи со 3:0. Кралевите го расипаа дебитантскиот настап и на Баер Леверкузен две години подоцна со победа од 2:1 во финалето на „Хемпден парк“ во Глазгов.
Порто на „Ауф Шалке“ ареаната во Гелзенкирхен во 2004 година не му дозволи на Монако да се радува и славеше со 3:0 за втората шампионска круна што пристигна на „Драгао“.
Во 2006 година повторно се играше финале на „Стад Де Франс“ во Париз и повторно имаше дебитант, Арсенал и пак загуби, тогаш од Барселона со 1:2.
Две години подоцна на „Лужники“ во Москва се играше англиско финале, со учество на дебитантот Челзи и Манчестер јунајтед.
Црвените ѓаволи по голема драма и подобро изведување на пенали ја освоија втората европска круна, а го оставија дебитантот Челзи без пехарот. Четири години подоцна клубот од Лондон успеа да му се радува на вредниот трофеј, но останува ззабележано дека во првиот настап во финалето не успеа.
И шестиот финалист дебитант во низа што не успеал да го крене трофејот во ЛШ е англиски тим, а му се случи лани на Тотенхем. Во уште едно англиско финале Ливерпул беше посупешен на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид и славеше со 2:0.
Вечерва на ред е нов финалист дебитант, а ПСЖ ќе се обиде со победа против Баерн да ја прекине серијата од шест неуспеси на тимови што првпат играле меч за титула и загубиле.