Холандскиот љубител на Формула 1, Барт Алтенбург од Утрехт, на победата на Макс Ферстапен во неделата и на конечниот редослед на трката во Австрија им се израдува повеќе отколку обичните фанови на пилотот на Ред Бул, бидејќи ќе добие награда – ВИП посета во ноември за трката за големата награда на САД во Остин.
Тоа што го направил 22-годишниот Барт не се среќава често. Тој прогнозирал пред трката и погодил сè, па ако се обложел во обложувалница, вкупната квота која ќе ја фател е дури 104.271. Досега не беше видено некој да ги има сите 10 погодоци на бесплатната игра Ф1 плеј на сајтот на Формула 1.
Барт го погодил точниот редослед на првите тројца на подиумот, дека сите 20 болиди ќе ја завршат трката, погодил колкава ќе биде разликата во секунди помеѓу првите двајца, кој ќе го има најбрзиот круг, дека нема да излезе безбедносното возило, кои ќе бидат најбрзи во две групи од пилоти кои не се меѓу најдобрите.
„Среќен сум што станав првиот што ги погодил сите прогнози. Австриското гран-при беше една од најинтересните трки кои сум ги гледал. Начинот на којшто победи Ферстапен беше феноменален, мора да признаам дека ми се тресеа рацете и за малку ќе заплачев кога тој го престигна Леклер“, вели Алтенбург, кој во првиот викенд од ноември ќе може и лично да се запознае со Макс.
Сега на Барт му преостанува да извади пасош бидејќи досега никогаш не излегол од својата Холандија, па искуството со патувањето до САД ќе му биде незаборавно.