Мирел Радои изненади со сензационален потег пред двата клучни мечеви на Романија против Исланд и Лихтентштајн со повик за деби во националниот тим за 15-годишно момче.
Енес Сали, кој е роден во февруари 2006 година во Торонто, Канада доби повик за да биде дел од репрезентацијата за последните два квалификациски дуели на Романија на патот кон Мундијалот во Катар.
Сали моментно е член на Фарул Констанца, а има интересна фудбалска биографија досега и две години беше дел од Академијата на Барселона, познатата Ла Масија и потоа на инсистирање на легендата Георге Хаџи и во договор со неговиот татко, Сали се врати во Романија и потпиша за Фарул.
Ако добие шанса да игра против Исланд или Лихтенштајн, на 11 ноември, односно три дена подоцна, Сали ќе биде најмладиот играч што настапил за Романија и најмлад воопшто пред Мартин Одегард, кој дебитираше за Норвешка со 15 години и 250 дена.
Романците се во добра позиција пред стартот на последните две кола во Ј групата, каде што е и Македонија. Германија веќе се пласира директно за Мундијалот во Катар, а Романците со 13 бода се втори и се фаворити за место во дополнителните баражи.
Македонија и Ерменија имаат по 12 бода и меѓусебен дуел на 11-ти ноември во Ереван, по кој едната селекција, а со реми веројатно и двете сигурно ќе испаднат од трка за баражот. Се чека кикс на Романија против Исланд на 11 ноември во Букурешт бидејќи тешко е да се очекува Лихтенштајн да ја изненади второпласираната селекција во нашата група во последното коло.