Дерик Вилијамс од оваа сезона е член на турскиот гигант Фенербахче, каде што тренер му е најтрофејниот во Европа, Жељко Обрадовиќ. Поранешниот НБА-кошаркар во интервју за официјалната веб-страница на Евролигата зборуваше за неговото искуство под палката на српскиот „мозок“.
„Тој вреди за секој респект што го добива. Без разлика каде играме, фановите повеќе сакаат фотографија со него, отколку со играчите. На пример: сите знаеме дека бил повеќекратен европски првак со Панатинаикос, но таму луѓето дури и денес се однесуваат како да е нивен тренер. Неверојатно, но ја заслужува секоја пофалба“, истакна Вилијамс.
Обрадовиќ во тренерската кариера успеал дури деветпати да ја освои европската круна, во пет наврати го стори тоа со гигантот од Атина, а последен пат на титула во Евролигата се радуваше во 2017 година, кога во составот на Фенербахче играше и македонската легенда Перо Антиќ.
Фенербахче во осмото коло во Евролигата гостува кај актуелниот шампион ЦСКА Москва, во обид да го подобри учинокот од 2-5 по седум одиграни средби.