Повеќе од 50 години, фудбалската репрезентација на Хаити чекаше за да се израдува на пласман на Светско првенство. Малата земја која само еднаш била дел од планетарниот собир, и тоа во далечната 1974 година, утрово испиша нова историја.
Во меч од последното коло во квалификациите, Хаити со 2:0 ја победи Никарагва и заврши како првопласирана во групата, што значеше и директен пласман на Мундијалот, кој следната година ќе се игра во САД, Канада и Мексико.
Подвигот на Хаити има посебна тежина ако се знае дека земјата веќе подолг период е во хаос. Во 2021 година беше убиен претседателот Жовенел Моиза и оттогаш во земјата постојано има немири и војни меѓу разни банди кои сакаат да имаат превласт на дел од територијата.
Главниот град на Хаити, Порт О Пренс, дури 85 отсто е под контрола на бандите, а националниот фудбалски стадион веќе две години е недостапен за играње поради безбедносни причини.
Токму затоа Хаити мораше сите мечеви во квалфиикациите како домаќин да ги игра надвор од земјата. Така беше и на последниот дуел против Никарагва, кога победата од 2:0 беше остварена во градот Вилемстад на Курасао.
И покрај сите предизвици и препреки, Хаити испиша историја и точно по 52 години, повторно ќе биде дел од Светското првенство во фудбал.

