Фудбалската репрезентација на Нигерија по неуспехот да се квалификува на Светското првенство, вторпат по ред, целиот фокус го насочи кон Африканскиот куп на нациите, каде што пристигна со највисоки амбиции.
Актуелниот вицешампион на Африка успешно го започна турнирот во Мароко откако во првото коло од групата Ц, на натпреварот во Фес, ја совлада Танзанија со 2-1.
На теренот Нигерија целосно доминираше и создаде бројни шанси против значително послабиот противник, но Танзанија со борбена игра, добра одбрана и доза среќа успеа да избегне поубедлив пораз. Иако во еден момент сензационално израмни, јасно е дека бодовите ќе мора да ги бара во дуелите со Уганда и Тунис, особено на следниот натпревар.
По серијата пропуштени големи можности, Нигеријците конечно поведоа во 36-тата минута. По брзо изведен корнер, Ивоби нафрли од левата страна, а дефанзивецот Семи Ајаји одлично скокна и со удар со глава од околу седум метри ја смести топката во мрежата за 1-0.
И во второто полувреме Нигерија продолжи со истото темпо, при што најактивен беше Виктор Осимен, но наместо втор гол следуваше израмнување. Во 50-тата минута, по лошо поставена офсајд-замка, Момбва остана сам по центаршутот на Мироши и од непосредна близина го совлада голманот Нвабали за 1-1.
Радоста на Танзанија траеше кратко. Само две минути подоцна, Ивоби асистираше до Адемола Лукман, кој се намести на левата нога и со силен удар од 17 метри постигна атрактивен гол за конечни 2-1.
До крајот на натпреварот Нигерија целосно ја контролираше играта, создаде уште неколку зрели шанси, но резултатот остана непроменет.

