3.8 C
Skopje
понеделник, 24 ноември 2025

Никако да се комплетира кошаркарската репрезентација, и овојпат ќе го нема Димитријевиќ

Овој циклус претквалификации за Евробаскетот 2029 беше шанса конечно машката кошаркарска репрезентација на Македонија да биде комплетна, со нашите најистакнати интернационалци Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски, но тоа нема да се случи и пак нема да дознаеме колку ни е вистинската сила.

Јакимовски, кој игра за италијанскиот Тренто, каде што прикажува одлични игри во Серија А и во Еврокупот, дојде и по подолго време ќе настапи за Македонија, што е огромно засилување.

За жал, ќе го нема Димитријевиќ, кој е во рускиот Зенит. Најдобриот македонски кошаркар при првиот контакт со тим-менаџерот на репрезентацијата, Борјан Георгиевски, најавил дека ќе игра во овој ноемвриски циклус, но сега веќе една недела не одговарал на повиците и ќе почекаме во друга прилика пак да го видиме во црвено-жолтиот дрес.

Селекторот Марјан Илиевски рече дека секогаш ќе смета на Нено и ќе го повикува, а на самиот играч останува одлуката дали ќе дојде или не. Инаку Димитријевиќ нема повреда, синоќа играше дерби против ЦСКА Москва во ВТБ-лигата.

- Оглас -

Најнови вести