Шпанскиот крилен напаѓач Нико Вилијамс синоќа го „излуде“ Ди Лоренцо во дуелите на левата страна, учествуваше во акцијата по која Калафиори си постигна автогол, а на крајот беше избран и за играч на натпреварот меѓу Шпанија и Италија (1-0).
По неговата блескава игра, веднаш се најде на радарот на големите европски клубови, а неговата откупна клаузула изнесува 55 милиони евра. Тоа секако не е премногу за гигантите од Премиер лигата.
Како што пренесуваат англиските медиуми, голем интерес за Нико Вилијамс покажале Арсенал и Челзи. Двата тима ќе направат сѐ за да го доведат во Лондон до крајот на преодниот рок.
Артета во него гледа играч кој веднаш би можел да го заземе своето место на левата страна, а десно би играл Сака, додека во врвот на нападот би бил Ѓокереш со кој наводно сѐ е договорено да пристигне од Спортинг Лисабон.
Од друга страна, новиот менаџер на Челзи, Енцо Мареска, ја гледа својата шанса во Марк Кукурелја и смета дека сонародникот може да го убеди Нико Вилијамс да дојде на „Стемфорд бриџ“, бидејќи двајцата играат на истата страна и во репрезентацијата.
Барселона одамна го посакува овој талентиран играч, а причината е неговото големо пријателство со Ламин Јамал. Сепак, Барса нема толку пари за да го доведе ова лето.