27.8 C
Skopje
среда, 16 јули 2025

Нико Вилијамс откри зошто ја одби Барселона и потпиша нов договор со Атлетик Билбао

Нико Вилијамс го објасни своето решение да остане во Атлетик Билбао бидејќи верува дека клубот дури сега почнува да ја пишува својата историја. Напаѓачот беше многу блиску до Барселона, но изненадувачки потпиша нов договор со баскискиот клуб. Тој откри дека тимот има амбициозен план, кој вклучува и освојување на Лигата на шампионите.

„Нѐ очекуваат многу амбициозни цели, како на пример: Лигата на шампионите. Што може да биде подобро од тоа да ги постигнеме тие цели со клубот на мојот живот? Сакам да продолжам да пишувам историја тука, на ‘Сан Мамеш’, со навивачите и моето семејство“, изјави Нико Вилијамс.

Тој изрази и благодарност до својот брат Ињаки Вилијамс, кој целата своја кариера ја помина во Атлетик.

„Двајцата секогаш сме сонувале за овој момент. Брат ми е пример за сите, а посебно за мене. Сметам дека е најдобриот избор за капитен и со нетрпение очекувам да го гледам со капитенската лента уште долго време“, истакна Нико.

Нико Вилијамс испрати и порака до навивачите и клубот во целина.
„Се надевам дека ќе им вратам за сè што ми дадоа. Се надевам дека ќе им донесам радост, како и секогаш. Ова е и за нив, секогаш сум ја чувствувал нивната огромна љубов и горд сум на навивачите што ги имаме.“

Браќата Вилијамс присуствуваа на настан на кој беше и нивната мајка. Со одлуката на Нико да го продолжи договорот, клубот ја претстави концепцијата Athletic WIN – (W) Вилијамс, (I) Ињаки и (N) Нико.

Досега во дресот на Билбао, 23-годишниот Нико Вилијамс има освоено само еден трофеј, Купот на Кралот во сезоната 2023/24.

- Оглас -

Најнови вести