Никогаш немало „полуди“ елиминации во ЛШ: Како испаѓаа ПСЖ, Реал, Атлетико, Јуве, Барселона

Ајакс водеше со 2-0 и речиси сите очекуваа некогашниот четирикратен европски првак да биде во финалето. Сепак, така не мислеше Лукас Мура. Бразилецот во редовите на Тотенхем даде хет-трик, а „злато-вреден“ беше голот во 90+6 минута. Едноставно, Мура погоди во последната секунда за шок на домашните во Амстердам.

Оваа неверојатна завршница е само шлаг на тоа што се случуваше сезонава во елиминациите на ЛШ. Според резултатите, никогаш немало полуда завршница. Се сеќавате како Реал Мадрид дома беше елиминиран од Ајакс со 1-4, иако Кралскиот клуб претходните три сезони беше доминантен во Лигата на шампионите.

Потоа се случи Манчестер јунајтед во Париз. Францускиот првак имаше предност од 0-2 по првиот меч против Црвените ѓаволи, но Манчестер на „Паркот на принцовите“ победи со 3-1. Погодокот за елиминација на ПСЖ беше постигнат од пенал во 93-тата минута.

Јувентус имаше два гола негатива против Атлетико Мадрид, тим кој ретко кога прима повеќе од два гола. Сепак, на реваншот во Торино, Кристијано Роналдо постигна хет-трик и Старата дама се радуваше.

Свежа е драмата која беше на средбата Манчестер сити – Тотенхем. Историски меч на кој за првпат имаше четири гола во првите 15 минути. Сити водеше со 4-3 и му требаше гол. „Граѓаните“ погодија во 90+3, почнаа да се радуваат за триумф од 5-3, но потоа судијата реши да се консултира со ВАР-системот и беше утврдено дека има офсајд, па Тотенхем помина во полуфиналето.

Двата полуфинали дуели беа со Хичкок-завршница. Барселона имаше 3-0 против Ливерпул, но англискиот тим на „Енфилд роуд“ направи неверојатен пресврт и победи со 4-0. Последна драма во низата беше вечерва. Тотенхем повторно во главна улога и со среќен крај.

Во ЛШ останува да се одигра само уште финалето. На 1 јуни ќе играат англиските ривали Ливерпул и Тотенхем, а ако досега имаше вакви драматични моменти, може да замислиме како ќе биде во мечот кој треба да го даде првакот.

- Оглас -

Најнови вести