Никогаш послаба: Барса со рекордно лошо издание во Лигата на шампионите

Барселона беше потполно надиграна од германскиот првак Баерн Минхен во премиерното дерби во новата сезона на Лигата на шампионите. Избраниците на Роналд Куман одиграа меч за заборав, без многу борба потклекнаа во тешката битка против Баварците.

По една и пол деценија, Барселона започна сезона во најелитното натпреварување без Лионел Меси и веднаш се почувствува неговото присуство во големите натпревари. Имено, првпат во историјата Каталонците загубија во три последователни натпревари од ЛШ на домашен терен, додека пак првпат завршија натпревар без да упатат ниту еден шут во рамките од противничкиот гол.

Баерн додаде сол на раната со убедливи 3-0 вечерва, а претходно ПСЖ со 4-1 и Јувентус со 3-0 славеле на култниот „Камп ноу“.

Холандското дуо на Мемфис и Де Јонг не претставуваше закана за Нојер, а Куман воедно ги немаше потребните замени во нападот, знаејќи дека повредени се Агуеро, Брајтвајт, Фати и Дембеле.

 

- Оглас -

Најнови вести