Потрагата по наследникот на Томас Тухел на клупата на Баерн Минхен сè уште трае, но бројот на тренерите кои ја одбија понудата и натаму расте. Чаби Алонсо се заблагодари и одлучи да остане во Баер Леверкузен, понудата ја одби и Зинедин Зидан, а последен кој им удри „корпа“ на Баварците беше селекторот на Австрија, Ралф Рангник.
„Дали сум разговарал со Баерн? Не. Зошто воопшто би разговарал со нив? Овде ми е убаво. Имам договор до 2026 и нашиот пат ќе продолжи и по Европското првенство“, рече Рангник за австриските медиуми.
Токму „професорот по фудбал“ беше еден од најсериозните кандидати за клупата на Баерн Минхен, но се чини дека такво нешто нема да се случи. Рангник своите најдобри резултати во Бундеслигата ги постигна со екипите на Шалке и Хофенхајм.
Тренерот на Брајтон, Роберто де Ѕерби, останува најсериозниот кандидат за наследник на Томас Тухел.