Никола Николовски е победник на меѓународниот шаховски турнир „Скопје Опен“

Интернационалниот мајстор Никола Николовски е победник на возобновениот шаховски турнир „Скопје Опен“, кој заврши доцна синоќа, со учество на околу 80 шахисти. Според стартниот рејтинг Николовски беше трети носител на турнирот, а на крајот е прв на табелата со 7,5 бода од 9 партии. Тој имаше шест победи и три ремија.

Со идентичен скор како и 21-годишниот шахист од Македонија беа и ИМ Борољуб Златановиќ (Србија) и ИМ Вјачеслав Тиличеев (Русија), кои на крајот, според „тај-брејк“ критериумите (популарно познат како „Бухолц“), беа рангирани како второпласиран и третопласиран. Со победа во последното коло, на четвртото место се најде ФМ Тони Лазов со 7 бода, бидејќи имаше едно реми повеќе од конкурентите. На делба на петтото место се најдоа велемајсторите Звонко Станојоски и Владимир Димитров (Бугарија) со 6,5 бода.

Горан Главинац со 6 поени ја предводи групата играчи од 7 до 13 место, етаблирајќи се како најдобар од аматерите на турнирот, притоа единствен играч што на целиот турнир играше со сите тројца велемајстори и остана непоразен, освен во дуелите со Николовски и Лазов.

„Турниров е предвесник за поубава шаховска иднина која македонските љубители на древната игра ја заслужуваат. Се соочуваме со голем јаз меѓу постоечката генерација и онаа што доаѓа. Мора да се стави акцент на македонските играчи, па „Скопје Опен“ е само почеток, а во соработка со градската управа и заинтересираните помагатели ќе продолжиме натаму со замисленото темпо секој месец да имаме некаков настан, било да е младински или сениорски, во забрзан или класичен ритам на играње. Апелираме до пошироката бизнис-заедница, својата општествена одговорност да ја искаже преку поддршка на шахот, затоа што на овие големи умови, почнувајќи од оние што играат за сениорската репрезентација, па сè до најмалите ученици, тоа им е мошне потребно“, рече Ѓорѓи Миновски, претседател на Шаховскиот сојуз на Град Скопје, кој беше организатор на турнирот.

„Кога шахот во Македонија би имал свои вистински помагатели, па да може да се организираат турнири без котизација за играчите, и бројката би била двапати поголема. Играчи имаме, но, за жал, сите бараат изговор да не излезат на турнир поради финансиски причини. Потребно е поголемо разбирање од Федерацијата која на овој турнир, кој беше најмасовен и најквалитетен во Македонија за 2019 година, не му помогна со ништо“, дополнува Миновски.

- Оглас -

Најнови вести