Николче Новески, поранешниот македонски репрезентативец и долгогодишен капитен на германскиот Мајнц, станува дел од тимот на Фудбалската федерација на Македонија.
Новески е назначен за раководител на скаутинг службата, со задача да ја координира и да ја развива стратегијата за следење и идентификување млади таленти со македонско потекло ширум Европа и светот. Оваа активност е дел од новите приоритети на ФФМ, со цел да се прошири базата на фудбалери за сите национални селекции и да се отвори уште поголем простор за иднината на македонскиот репрезентативен фудбал.
Николче Новески, кој има 64 настапи за македонската репрезентација, ќе работи во координација со Горан Пандев, Ѓорги Христов и Агим Ибраими во насока на следење на фудбалерите, како и организирање тест натпревари надвор од Македонија, каде што младите ќе имаат можност да се докажат.
„Среќен сум што станувам дел од тимот на ФФМ и што ќе имам можност да придонесам за развојот на македонскиот фудбал. Верувам дека со моето искуство и долгогодишна кариера во Бундеслигата заедно со тимот во Федерацијата ќе изградиме силен систем на скаутинг кој ќе овозможи секој талентиран фудбалер со македонско потекло да добие шанса да се докаже. Нашата цел е да создадеме услови за напредок и за уште посилни национални селекции во иднина“, рече Новески во изјава за сајтот на ФФМ.
Добредојде на Новески му посака и претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
„Задоволство е што ваков професионалец прифати да биде дел од нашиот тим, заедно со Пандев, Христов и Ибраими. Верувам дека со неговото искуство, авторитет и познавања ќе изградиме систем кој ќе донесе нови имиња во нашите селекции. Нашата мисија е јасна, ниеден фудбалски талент со македонско потекло да не остане незабележан”, рече првиот човек на ФФМ.