Николиќ: За нас секој натпревар е живот или смрт, навивачите се нашиот најдобар играч

Кошаркарите на МЗТ Скопје ги задржаа шансите за опстанок во АБА лигата откако вечерва со 84:80 го совладаа Задар иако во втората четвртина имаа 23 поени предност.

На две кола до крајот на регуларниот дел, МЗТ Скопје има скор од пет победи и 19 порази, додека Борац Чачак има една победа повеќе и подобар меѓусебен скор (ги доби двата меча). За опстанок во АБА, на МЗТ Скопје му е потребно да слави на последните два меча, на гости против Сплит и дома против Цибона, додека Борац мора да загуби од Црвена звезда и Будуќност.

Тренерот на Металците, Драган Николиќ е среќен што екипата ги задржа шансите за опстанок и ги пофали навивачите, популарната Фамилија.

„Најважно е што победивме на свој терен и од недела во недела се возиме на тој ролеркостер кој оди од тоа да сме отпишани, до обратна ситуација, па играме под најголем притисок. Секој натпревар за насе живот или смрт, рај или крај, сега или никогаш. Јас мислам дека сам на себе сум си најголем критичар, свесен сум за тежината што ја носи МЗТ Скопје, мислам дека денеска се виде одреден напредок во нашата игра. Се обидовме да поправиме многу работи оваа седмица, и на натпреварот се виде напредок во играта. Имаме обврска да ја освоиме двојната круна, а имаме и уште две средби во АБА. Навивачите не се наш шести играч, туку наш најдобар играч. Тешко ни е кога играме без нив на гости “, изјави Николиќ.

- Оглас -

Најнови вести