Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва го доживеаја 14-тиот пораз во 16-тиот натпревар во АБА лигата од Будуќност со 86:90 и остана закован на последното место на табелата.
Тренерот на Металците, Драган Николиќ по натпреварот изјави дека е задоволен од прикажаната игра на неговите кошаркари против еден од најдобрите тимови во регионалното натпреварување.
„На прво место, одигравме навистина богат натпревар, со добри кошаркарски потези, акции и слично и би му честитал на Будуќност на победата. Верував дека можеме да изненадиме вака добар ривал, но многу ни недостигаа повредениот Кук и болните Миќовиќ и Пандев.
Будуќност е едно поголемо ниво, тим кој прави резултати и во Еврокупот. Од една страна ми е многу жал што мојата екипа загуби, сакав оваа победа да им ја посветам на моите покојни родители, бидејќи играв на нивната слава. Ретко кога сум доживеал да добијам ваков аплауз, од целата сала при пораз. Тоа скандирање од публиката не го доживува секој тренер, навистина ми е мило што го доживеав.
Не дојдов тука да зборувам само дека МЗТ Скопје има најтежок распоред, дојдов за да ги исполниме заедничките цели. Во моментов ситуацијата е таква, каква што е и ќе се обидам позитивното да го пренесам на играчите. Пред да дојдам, МЗТ Скопје на одредени натпревари немаше среќа. Петровиќ е вистинска легенда на клубот, па не сакам да коментирам за минатото.
Ако играчите продолжат со оваа енергија, верувам дека ќе успееме да дојдеме до посакуваните резултати. Можеби ќе се свртиме кон уште едно засилување, ама тоа понатаму. МЗТ им пружи отпор на најсилните екипи на Балканот, време е да се работи малку повеќе на кошарката во оваа земја од која имам потекло. Сакам прво да бидеме комплетни, да видиме што ни недостига.
Конечно добивме длабочина во тимот, имаме екстремно добри шутери кои сега имаат повеќе простор. Ако се разбираме повеќе во одбраната како кога се крена енергијата, можеме да играме подобро. Ние успеавме да се вратиме од 19 поени, има простор за напредок, а ни недостига победа за да се кренеме. Во следните натпревари треба да одиграме како денес, како во Загреб и првото полувреме со Црвена Звезда“, изјави Николиќ на прес-конференцијата по натпреварот.