Бобан Николов и неговите соиграчи од МОЛ Види вечер од 21 часот ќе бијат битка за првите бодови во групата Л во Лигата на Европа, а гости му се на грчкиот вицешампион ПАОК.
Унгарците и во август беа гости во Грција, и тогаш немаа ниту грам среќа против АЕК во дуелите од баражот за пласман во Лигата на шампионите. АЕК се извлече и со вкупен резултат од 3-2 се пласира во луксузното натпреварување.
„Немавме среќа против АЕК, па се надевам дека вечерва ќе ни се насмевне против ПАОК. Играме добро, но тоа не е доволно, ни требаат голови и бодови. Имаме квалитет рамноправно да се носиме со грчкиот состав, а дополнителен мотив ни е добрата игра во Лондон против Челзи“, вели Николов за Спорт Манија.
МОЛ Види сè уште го чека првиот гол и бод(ови) во групата. На стартот беа поразени од БАТЕ Борисов со 0-2 на домашен терен и потоа одиграа одличен меч против првиот фаворит Челзи, но повторно загубија со голот на Алваро Мората во второто полувреме.
Пред Николов, од нашите фудбалери вечерва на терен ќе истрчаат Стефан Ристовски за Спортинг во големото дерби со Арсенал во Лисабон, потоа и Иван Тричковски за АЕК Ларнака против Лудогорец, Елиф Елмас за Фенербахче во Брисел против Андерлехт и Аријан Адеми во Трнава против Спартак. Сите овие дуели се закажани за 18.55.
Неизвесно е дали за АЕК Ларнака вечерва ќе настапи Даниел Мојсов, кој е повреден.