Кошаркарската репрезентација на Македонија се подготвува за двомечот против Литванија во квалификациите за пласман на Европското првенство. Македонија ќе биде некомплетна бидејќи Нено Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс имаат натпревари во Евролигата, па нема да му бидат на располагање на селекторот Алекс Јончевски.
„Тешко е сега да се прогнозира дали ќе се пласираме на Европското првенство бидејќи секој натпревар е посебна приказна и не знаеме кој ќе игра, а кој не. Ги имаме Нено и Шортс, коишто играат во Евролигата, и кога би биле тие тука, тоа ќе биде друга приказна. Допрва ќе ги анализираме и Литванците, знам дека и тие нема да бидат комплетни, што ќе биде многу тешко за скаутинг, имаат и нов селектор, па ќе видиме што ќе се случи. Нам ни останува да дадеме сè од себе, ние треба да изгинеме за секоја топка и да покажеме карактер, а останатото веројатно ќе дојде. Знам дека секој од моите соиграчи ќе извади максимум од своите сили и се надевам на позитивен резултат“, вели репрезентативецот Кристијан Николов.
Првиот натпревар против Литванија се игра во четврток, во СРЦ „Кале“ во Скопје, со почеток во 18 часот, додека реваншот е во Клаипеда.