Николов: Верувам дека можеме да ја победиме Данска! Претседателот на ФФМ ги повика навивачите да дојдат на тренинг

Македонската репрезентација се подготвува за првиот плеј-оф натпревар против Данска за пласман на Светското првенство, а во составот повторно е Бобан Николов, кој се враќа во националниот тим по двегодишна пауза. Искусниот играч за врска верува во квалитетот на репрезентацијата и можноста за изненадување во Копенхаген.

„Сите знаеме што значи да се игра за репрезентација. Тоа не може да се спореди со ништо, играш за својата држава и ја претставуваш. Се надевам дека ќе биде одлично и дека со моето искуство, заедно со сите во тимот, ќе придонесам да стигнеме до посакуваната цел. Искрено верувам дека можеме. Нормално е да се надеваме, а ако ни е денот, можеме и да изненадиме. Сите веруваме и дојдовме тука со таа цел. Нема да се предадеме, ако сите одиграме на највисоко ниво, можеме да сонуваме за пласман. Прво размислуваме за Данска, тоа е најважниот натпревар. Притисокот е на нивна страна, а ние немаме што да изгубиме, можеме само многу да добиеме. Ќе влеземе смирено, ќе го оставиме срцето на терен, па што биде нека биде. Селекторот носи агресија и силна мотивација. Знае како да ги поттикне играчите и мислам дека тоа е голем плус за нас. Ако таа енергија се пренесе на терен, можеме многу да постигнеме“, вели Николов.

Македонската репрезентација денеска од 16 часот ќе го има првиот тренинг, а претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ ги повика сите навивачи да дојдат да ги поздрават фудбалерите, затоа што тренингот ќе биде од отворен карактер.

- Оглас -

Најнови вести