Ништо од двојна круна на Спортинг, Порто триумфира во Купот (Видео)

Екипата на Порто по 20-ти пат е победник во Купот на Португалија откако во финалето го совлада Спортинг Лисабон со 2:1 и тоа по продолженијата. Спортинг пропушти шанса да ја освои двојната круна бидејќи претходно ја освои титулата во португалскиот шампионат.

 

Трагичар на Спортинг е Џеремаја Сент Јуст кој иако во 20-тата минута го отвори резултатот, само пет минути подоцна направи грешка во одбраната и му „асистираше“ на Еванилсон за израмнување на 1:1.

Во 29-тата минута, Сент Јуст како последен играч во одбраната направи прекршок поради што доби директен црвен картон.

Спортинг и со играч помалку одолеваше на нападите на Порто, се до десеттата минута од првото продолжение кога голманот Диого Пинто направи пенал.

Сигурен реализатор за Порто од белата точка беше Мехди Тареми со што го постави конечниот резултат од 2:1 и на својот тим му го донесе третиот трофеј едноподруго во Купот.

- Оглас -

Најнови вести