Еурофарм Пелистер не успеа да се пласира во четвртфиналето на СЕХА и да игра македонско дерби со Вардар, а победата од 24:22 вечерва во Битола против Нексе е Пирова.
Хрватите славеа со 23:20 на првиот меч и со вкупен резултат од 45:44 се пласираа во четвртфиналето. Реваншот беше многу возбудлив, а клучен за неуспехот на битолчани беше периодот од 45-тата до 50-тата минута, кога Нексе успеа со три гола да израмни на 21:21 и потоа не им дозволи на домаќините да се одлепат и да ја анулираат негативата од три гола од првиот меч.
Еурофарм Пелистер во 43-тата минута стигна до посакуваната разлика од 4 гола, поведе со 18:14, но немаше сили за да ја задржи предноста и испадна.
Ловро Јотиќ со 5 гола беше најефикасен во домашниот табор, а по три гола постигнаа Остроушко и Маџовски. Кај гостите Томислав Северец со пет гола беше прв стрелец.