Барселона очекуваше посета од околу 30 илјади луѓе на „Камп ноу“ за Ел Класико и дуелот со Реал Мадрид на 24 октомври, но каталонските здравствени власти донесоа одлука мечот да се игра без публика.
Идентично ќе биде сценариото и четири дена подоцна, на премиерниот меч на Барса во Лигата на шампионите против Ференцварош.
Тој меч требаше да биде лакмус за организација на прв меч со публика, на кој требаше да игра Барселона по март, кога букна пандемијата со корона-вирусот и загревање за спектакл со вечниот ривал Реал Мадрид.
„Не смееме да ризикуваме повторно враќање на ситуацијата од пред шест-седум месеци. Не можеме да гарантираме дали ќе има или не дозвола за публика на стадионите во подоцнежниот тек на сезоната, но на дуелите со Ференцварош и со Реал Мадрид нема да има навивачи на трибините на ’Камп ноу’“, изјави Алба Верхес, регионалниот советник на Министерството за здравство на Каталонија, за Каталуња радио.
Барселона побара да има ограничен број н гледачи, или малку под 30 отсто од капацитетот на стадионот, кој има 99.354 места, но од тоа сега нема ништо, а ќе изостане спектаклот што се најавуваше за првото Ел Класико сезонава.