Трансферот на Хаким Зијех од Ајакс во Севилја нема да се оствари затоа што Мароканецот ако веќе си оди од клубот од Амстердам, би се преселил само во клуб кој е во рангот на Ајакс, а Севилја не ја смета за таква. Оваа изјава ги навреди Андалузијците, па и тие се откажаа од идејата и сега се фокусирани на младиот Романец Јанис Хаџи.
„Со цела почит, но Севилја не е клуб за кој би го напуштил Ајакс. Ако сакам да напредувам, треба да одам во поголем клуб или барем во ист ранг со Ајакс“, изјави 26-годишниот Зијех, кој беше еден од најзаслужните што Ајакс дојде до полуфиналето и на чекор од финале во Лигата на шампионите.
Од Севилја не ни имало официјална понуда за Зијех, а ова ги закопа надежите на фановите дека би го купиле Мароканецот.
Но, Севилја наскоро може да добие друго интересно засилување, тоа е Јанис Хаџи, кој воодушеви со игрите на младинското ЕП. Според романските медиуми, доколку не се случи нешто неверојатно, Хаџи за некој ден ќе оди во Севилја, и тоа за 8 милиони евра, колку што би добил клубот Виторул, но 30 проценти од трансферот треба да добие и Фиорентина, која го продаде Хаџи во јануари 2018 година за 2 милиони.