Ниту 104 поени не беа доволни за Црвена ѕвезда да го победи европскиот шампион во грчкиот пекол

Кошаркарите на Црвена ѕвезда завршија на најлошата позиција која води во плеј-ин разигрувањето на Евролигата, откако после вистинска драма загубија од актуелниот европски шампион Панатинаикос на негов терен. Грците победија со 111-104, откако во регуларниот дел мечот заврши нерешено, 96-96, а „црвено-белите“ имаа +8 во самиот финиш, односно водство од 86-94.

Тоа значи дека Црвена ѕвезда за место во најдобрата осумка во Евролигата ќе игра најпрво против Баерн Минхен, а доколку успее да помине, тогаш во „финалето“ ќе игра против поразениот од дуелот на Реал Мадрид и Париз.

Токму „кралевите“ и екипата во која настапува нашиот репрезентативец, Ти Џеј Шортс, завршија на седмата, односно осмата позиција, па победникот од овој двомеч ќе има директно место во четвртфиналето.

Регуларниот дел на првата позиција го заврши Олимпијакос со 24 победи, една повеќе од Фенербахче, додека третата позиција му припадна на Панатинаикос. Во првата шестка завршија и Монако, Барселона и Анадолу Ефес.

- Оглас -

Најнови вести