Кошаркарите на Денвер се пред елиминација во НБА-плејофот откако со пресврт загубија од Оклахома на гости со 112-105. Нагетси имаа предност од 12 поени во самиот финиш на третиот период, но одиграа катастрофална четврта четвртина, која ја загубија со 34-19 и поразот беше неминовен.
Никола Јокиќ мечот го заврши со 44 поени, 15 скока и пет асистенции, но и тоа не беше доволно за Денвер да дојде до победа. Серијата сега се враќа во „Бол арената“ во Денвер, но Оклахома има предност од 3-2 и само на една победа до пласман во конференциското финале.
Вистински шок доживеа најдобрата екипа од регуларниот дел во Источната конференција, Кливленд. Тие иако беа големи фаворити, сепак, со убедливи 4-1 се елиминирани од Индијана откако на домашен терен загубија со 105-114. Со тоа Индијана е првата екипа која обезбеди конференциско финале оваа сезона, а противник ќе им биде подобриот од серијата помеѓу Њујорк и Бостон.