Да се биде тренер на Реал Мадрид е предизвик, но и висок ризик за сите стручњаци кои седнале на клупата на Кралскиот клуб во последните години. Не се памети кога за последен пат еден тренер го одработил договорот до крај, па сега Сантијаго Солари, кој има договор до 2021 година, се соочува со таква непријатна традиција.
Солари изгледаше како добро решение, и тоа не само привремено, но по првиот пораз од Еибар, веќе почна да се бара негов наследник за ова лето.
Враќањето на Флорентино Перес како претседател на Реал означи и почеток на серијата предвремени прекинувања на договорите со тренерите. Прв беше Мануел Пелегрини, кој доби отказ по убедливиот пораз од Алкоркон во Купот на Шпанија. Потоа во Реал дојде Жозе Мурињо, со кого патиштата им се разделија во 2013 година, иако договорот беше до 2016.
Со Карло Анчелоти тимот ја освои десеттата титула во Лигата на шампионите, но остана две сезони, иако имаше договор на три. Рафаел Бенитес издржа од јуни 2015 до јануари 2016, две години порано од истекот на договорот. Неговиот наследник Зинедин Зидан во август 2017 доби договор до 2020, но тој во мај ги изненади сите, па и Перес, и реши сам да се повлече.
Ниту на Хулен Лопетеги не му беше пишано да остане подолго од неколку месеци. Сега редот е на Солари.
Во двата мандати на Перес како претседател, само Висенте дел Боске го одработи договорот до крај, но во 2003 не му беше продолжен, иако го освои шпанското првенство. Кратки епизоди имаа и Кеирос, Камачо, Гарсија Ремон, Лушембурго и Лопес Каро.