Леванте успеа да оствари невидена сензација со победата над Барселона од 3-1. Екипата чиишто бои брани нашиот Енис Барди, се избори за голем пресврт остварувајќи го за само седум минути, во ситуација кога Барса имаше водство од 0-1 по реализираниот пенал на Меси од првото полувреме.
Леванте иако не се закани ниту еднаш кон голот на Тер Штеген во првиот дел, играчите на Пако Лопес како препородени тргнаа да ги шокираат Каталонците и успеаја. Во 61-та минута Кампања израмни, а само две минути подоцна стрелаше Мајорал за 2-1. Пред водечкиот гол за Леванте, Барди излезе од игра, но и неговиот труд нема да се заборави за оваа значајна победа.
Во 68-та минута Радоја го најави разочарувањето на шпанскиот првак, а беше јасно дека тоа ќе се случи откако ВАР-системот поништи втор гол на Меси поради офсајд на петнаесетина минути пред крајот. Во судиското надополнување, Мелеро промаши чист зицер за убедливи 4-1.
Леванте нанижа две победи и има вкупно 5 по 12 кола, а со 17 бода екипата од Валенсија ќе стои на осмото место. Во зависност од останатите резултати, ќе се знае дали Барса и по ова коло ќе биде на врвот на табелата.