Во потрагата по трајно решение за клупата на Челси, сопственикот Тод Боли го контактираше поранешниот тренер на Ривер Плата, Марсело Гаљардо, пишуваат аргентинските медиуми.
Сините вчера официјално соопштија дека Френк Лампард ќе ја води екипата до крајот на сезоната, по што налето ќе биде донесено долгорочно решение за тренерската позиција.
Англиските медиуми вчера објавија дека најголеми фаворити за наследник на Греем Потер се Јулијан Нагелсман кој доби отказ во Баерн Минхен и Луис Енрике кој си поднесе оставка во шпанската репрезентација по неуспешниот настап на СП во Катар.
Тие наводно се заинтересирани да седнат на клупата на Челси, по завршување на актуелната сезона.
Медиумите во Аргентина пак пишуваат дека Марсело Гаљардо веднаш откако разговарал со сопственикот на Челси, почнал да го усовршува англискиот јазик.
Од 2014 до 2022 година седеше на клупата на Ривер Плата и освои една титула во Аргентина, две во Копа Ливертадорес, една во Копа Судамерикана и три аргентински купа.