Низок удар од косовскиот Љапи – Го отпуштија помошник-селекторот на Македонија

Џенгис Реџепи повеќе не е тренер на косовскиот прволигаш Љапи, а доживеа непријатни моменти, и тоа во паузата за настапи на репрезентацијата.

Помошникот на селекторот на македонската репрезентација јавно со соопштение на социјалните мрежи реагира на неспортскиот потег на челниците на Љапи, кои барале од него да си поднесе оставка, а дури и објавиле такво нешто.

Реџепи демантира дека си заминал од Љапи по своја волја, а од Љапи дури и испратиле свој емисар во Скопје на подготовките на македонската репрезентација за да го убедува помошник-селекторот на нашата репрезентација.

„Ништо од соопштението на ФК Љапи не е вистина. Дури и претставник на клубот допатува во Скопје за да ме убедува да си поднесам оставка. Малку е неспортски односот во пауза за репрезентациите, а јас сум му помошник на селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, од мене да се бара такво нешто. Љапи сè уште е во битка за излез во Европа, што значи дека не станува збор за лоши резултати. Загубивме едно дерби, но тоа може секому да му се случи. 

Ако донеле одлука да ме сменат, ќе ја почитувам, но не е вистина дека сум заминал сам поради лоши резултати“, напиша Реџепи на својот фејсбук-профил.

Утре одличниот и млад стручњак, кој работеше и во турскиот прволигаш Сиваспор, го чека нов предизвик, заедно со Ангеловски да најдат победничка тактика за успех против Летонија.

- Оглас -

Најнови вести