Италијанскиот калчолигаш Милан е најновиот клуб кој влегува во трката за потписот на Кристофер Нкунку, кој е на излезна врата во Челзи пред затворањето на летниот трансфер-пазар. Италијанскиот гигант веќе воспоставил контакт со Челзи за да разговара за можен трансфер на Французинот, кој според сите најави ќе го напушти „Стемфорд Бриџ“ до крајот на преодниот рок.
Нкунку е отворен за заминување од Челзи и ја разгледува најдобрата опција.
Милан има сериозен интерес за офанзивецот кој не е дел од плановите на клубот и веќе започнал разговори за потенцијален договор. Росонерите сакаат да ја засилат офанзивата пред затворањето на трансферниот прозорец во понеделник и го гледаат Нкунку како идеално засилување.
Милан претходно беше блиску до доведување на Виктор Бонифејс од Баер Леверкузен, но трансферот пропадна поради проблеми на медицинските прегледи.
Во текот на целото лето Нкунку беше поврзуван со заминување од Челзи, а за него интерес покажаа Баерн Минхен, Лајпциг и Астон Вила. Најголема пречка за договорот останува високата плата што ја има во Челзи.