Баерн Минхен вчера ја имаше победата во свои раце против Фортуна Дизелдорф. Два гола предност при резултат од 3-1, а потоа Доди Лукебакио стапи на сцена, и во судиското надополнување украде бод за својата екипа. Непосредно по мечот, се дигна бунт во соблекувалната, барајќи ја вината за ремито кај Нико Ковач, но има и такви кои го поддржуваат хрватскиот стратег. Еден од нив е Мануел Нојер.
„Головите ги примивме при наши грешки. Во противничката екипа имаше брз напаѓач, кој можеше да направи проблеми на нашите стопери, и тоа се случи. Не можам да кажам дека имавме проблеми само во одбраната, истото се случуваше и во нападот. Грешките се однесуваат на целата екипа, не на поединци. Да го слушавме тренерот и да се поправевме во сегменти кои Ковач ни ги сугерираше, ќе победевме со 5-0“, истакна Нојер.
Како што известуваат германските медиуми, Нико Ковач има уште една шанса да си ја сочува работата на клупата на Баерн, а тоа ќе биде мечот во вторник во рамките од Лигата на шампиони, кога „баварците“ ја пречекуваат Бенфика.