Голманот на Баерн Минхен, Мануел Нојер, по поразот од Баер Леверкузен во осминафиналето од Купот на Германија, кога во 17-тата минута доби црвен картон и го остави тимот со човек помалку на теренот, рече дека им се извинил на соиграчите и на стручниот штаб.
Нојер направи прекршок над Џереми Фримпонг надвор од 16-никот и првпат по 867 одиграни мечеви во професионалната кариера доби црвен картон.
„Ова дефинитивно е големо разочарување. Не беше лесно по црвениот картон. Момците се потрудија и вложија многу, не можете да ги обвинувате. Му се извинив на тимот. Не се обидов да го повредам Фримпонг, туку се обидов да ја земам топката, но немав време. Се надевав дека ќе досудат офсајд. Тоа беше грешка и морам да ја прифатам, за жал, немам друг избор“, рече Нојер.