Мануел Нојер, едно од највлијателните имиња во еволуцијата на голманската позиција, даде интервју за францускиот весник „Л’Екип“, во кое зборуваше за својата кариера и за улогата во модернизацијата на фудбалот. На прагот на својот 40-ти роденден, германскиот чувар на мрежата откри дека неговото застанување на голот било чиста случајност.
„Не ја избрав голманската позиција. Тренерот ме стави на голот. Штотуку пристигнав во младинскиот тим на Шалке 04 и немаше голман. Никој не сакаше да ја преземе таа улога… Фрлањето на земјата болеше и никој не сакаше да го прави тоа“, се присети Нојер, додавајќи дека неговото искуство како „уличен фудбалер“ му помогнало да ја засака играта со топка во нозете и активното учество во градењето на нападите.
Голманот на Баерн Минхен, познат по својот храбар стил и улогата во организацијата на играта од заднината, ја истакна својата двојна страст.
„Сакам да бидам голман, но исто така сакам да ја имам топката во нозете, да учествувам во изградбата на играта, да бидам почеток на напад, да видам како едно додавање може да елиминира неколку противници и да создаде шанса… Иако повеќе сакам да бранам“, нагласи тој.
„Бев инспириран од Едвин ван дер Сар и Петер Шмајхел. Во Германија можам да ги споменам Јенс Леман и Оливер Кан“, посочи Нојер.
На прашањето дали би можел да игра на друга позиција, Нојер беше јасен.
„Можев да играм како играч во поле на пониско ниво. Во тим што доминира со топката во третата лига, на пример… Можев да бидам централен дефанзивец или ‘шестка’ пред одбраната, во стилот на Хави Мартинез“, истакна Мануел Нојер.

