Нојер: Ова не личи на Баерн Минхен

Баерн Минхен направи кикс во ова коло и одигра само 2:2 на гости против Аугсбург и пропушти шанса да се врати на чело на табелата во Бундес лигата. Германскиот првак губеше уште во првата минута, но потоа направи пресврт и стигна до предност од 2:1, за да на крајот, во судиското надополнување прими уште еден гол. 

Баварскиот гигант е најефикасен во првенството со 22 погодоци, но одбраната е слаба и во 8 меча, капитулираше дури 10 пати.

„Четири победи од осум меча не е тоа што го очекувавме. Доволно говори тоа што примивме голови во првата и последната минута од мечот. Не велам дека сме арогантни, но очигледно е дека сме преопуштени и играме со преголема самодоверба, а тоа не е Баерн Минхен“, рече капитенот на тимот, голманот Мануел Нојер.

Во следниот период на Баерн му следи згуснат распоред, па од вторник до 2 ноември ќе одигра дури четири меча. Прво игра на гости кај Олимпијакос во Пиреја, во меч од Лигата на шампиони, а потоа следуваат дуелите против Унин Берлин (првенство), Бохум (Куп на Германија) и Ајнтрахт (првенство).

 

- Оглас -

Најнови вести