Новак Ѓоковиќ стигна до јубилејната 100-та победа на Ролан Гарос и се пласира во четвртфиналето на најважниот тениски турнир на земјена подлога. Српскиот тенисер без многу проблеми со 6:2, 6:3 и 6:2 го победи Британецот Камерон Нори и сега следен ривал му е Александер Зверев.
„Ви благодарам што сте тука. Добро се чувствувам. Знам дека можам да играм и уште подобро. Одиграв 12 сета на овој Ролан Гарос и сите ги добив. Во овој момент тоа делува многу добро“, рече Ноле по јубилејната 100-та победа на Ролан Гарос.
Рекордерот по бројот на освоени гранслем-титули најави дека негова цел е да го освои пехарот на Ролан Гарос.
„Убава бројка е 100 победи, но бројката 101 е поубава. Целта е јасна. Тоа е освојување на трофејот. Турнирот уште трае. Овде имам доживеано фантастични моменти и затоа со нетрпение го чекам следниот меч“, додава Ѓоковиќ, пред мечот кој в среда ќе го игра против Зверев.