Ноле пред мечот мораше да му го покажува патот на младиот Хрват, но потоа не штедеше зборови за неговиот талент (Видео)

Младиот хрватски тенисер Дино Прижмиќ го намачи Новак Ѓоковиќ во првото коло на Австралија опен. Најдобриот тенисер на светот победи со 3:1 во сетови, но за тоа му беа потребни точно четири часа, што е најдолг негов меч во историјата на еден Гренд слем во прво коло.

Прижмиќ помина три кола во квалификациите и во првото коло на главниот турнир доби шанса да игра на „Род Левер“ арената и тоа против најдобриот во светот, Ѓоковиќ.

Пред почетокот, Прижмиќ дури го промаши и ходникот по кој требаше да излезат на главниот терен, па Новак беше тука да го „навигира“ и му го покажа вистинскиот пат.

Ако во ходниците делуваше збунето, младиот Хрват на теренот се покажа одлично, па дури му зема и еден сет на фаворитот. По завршување на дуелот, Ѓоковиќ не штедеше пофални зборови за хрватскиот тинејџер па дури побара од публиката аплаузите да ги намени за Прижмиќ.

„Дино ги заслужува сите пофалби. Многу е добар и перспективен. Ова е негов момент. Играше сјајно. Покажа ментална и физичка сила. Тркачки беше подобар. Секоја чест. Го користеше секој инч на теренот. Одигра неверојатен меч, посебно ако се знае дека има само 18 години. Честитки и за неговата фамилија. За него допрва треба да се слушне“, по мечот рече Ѓоковиќ за младиот Хрват.

- Оглас -

Најнови вести